Општи информации

За поддршка на изготвувањето на анализи за поставување, спроведување, контрола и следење на ефектите на земјоделска политика и политиката за рурален развој, неопходно е воспоставување на Земјоделски Информативен Систем (ЗИС) како еден од најзначајните краткорочни приоритети од процесот на креирање на поволни услови за одржливо земјоделство и рурален развој како услов за интегрирање во ЕУ.

Предвидените активности опфаќаат воспоставување, операционализација и поврзување на следниве административни, контролни и информациони елементи од интегрираниот систем: Единствен регистар на земјоделски стопанства, Систем за идентификација на земјишни парцели (ЛПИС), Мрежа на сметководствени податоци на фарма (ФАДН), Земјоделско пазарен информативен систем (ЗПИС) и подобрување на земјоделската статистика. Дел од нив се составни елементи или се во функција на Интегрираниот административен и контролен систем (ИАЦС) за реализација и следење на ефектите од мерките за поддршка на развојот преку Програмите за директни плаќања и рурален развој.

Целосното функционирање на системите ќе овозможи поставување на ефикасни политики базирани на потребите во секторот, нивно успешно реализирање со максимално намалување на неправилностите и злоупотребите, подобрена контрола и проценка на ефектите од земјоделската политика. Интегрирањето на различните бази на податоци и регистри треба да ги олесни процедурите за доставување на барања на земјоделците за мерките на поддршка и ќе обезбеди корисни податоци за понатамошно креирање на поволни услови за оржливост, развој и конкурентност во производството на храна и руралниот развој, а со тоа го направи атрактивен овој сектор.

Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, МЗШВ е одговорна институција за воспоставување на интегриран информативен систем на податоци кој треба да обезбеди прибирање и обработка на податоци за земјоделскиот сектор, координација и оддржливост во размената на податоци со другите релевантни институции, како и дисеминација на податоците до крајните корисници.

Министерството од почетокот на 2007 година интензивно спроведува дел од активностите поврзани со воспоставување на регистрите/базите на податоци кои се составен дел на ЗИС. Интензивирањето на овие активности вклучува набавка на потребните хардверски, софтверски и комуникациски решенија, инстиуционално зајакнување пред се во делот на човечкиот капацитет, и поставување на соодветни процедури на интеринституционална соработка при размена на податоците и нивен проток до крајните корисници.

Пошироките цели на земјоделскиот пазарен информативен систем се постојано следење на пазарите на земјоделско-прехрамбени производи преку евиденција на тргуваните цени за определени производи и култури, како и количини за стратешките производи, и обезбедување на транспарентен преглед на движењата на пазарите со земјоделски производи и храна. Со ваквите навремени и релевантни пазарни податоци од репрезентативните пазари се овозможува зајакнување на положбата на националниот агро-прехрамбен сектор на домашниот и странските пазари, и се обезбедува поддршка на анализите со релевантни и точни податоци потребни за донесување на одлуки во формулирањето на конкурентна земјоделска политика.

Развојот на ЗПИС е пропишан како обврска во делот на регулативите на ЕУ кои го покриваат делот на Заедничката земјоделска политика во делот на Заедничката пазарна организација (ЦМО) како основи за уредување на пазарите на земјоделско-прехрамбени производи. Во наши услови ова е регулирано со Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за квалитет на земјоделски производи и Правилникот за определување на репрезентативни пазари на земјоделски производи и видот, обемот, роковите и субјектите кои ги доставуваат податоците.

Земјите членки на ЕУ се обврзани за доставување на пазарните податоци до Европската Комисија во вид на редовни извештаји кои се потребни за формулирање на Заедничката земјоделска политика и следење на состојбите на пазарот, особено од аспект на покренување на инструментите за интервенции и регулирање на пазарите. Сепак покрај оваа обврска, ЗПИС е од особено значење за земјоделските производители, нивните организации, преработувачите, снабдувачите со репроматеријали, опрема и механизација, деловните субјекти за зголемување на нивната конкурентност на пазарите со храна и намалување на неизвесноста и предвидување на ризикот при донесување на правилни одлуки во делот на маркетингот и планирање на производството. Во таа насока националниот земјоделско пазарен информативен систем ќе биде поставен во корист на сите деловните субјекти преку редовното собирање и обработката на податоците како и неограничениот пристап до пазарните информации од страна на корисниците.

МЗШВ од почетокот на 2008 година превзеде низа активности во насока на создавање на услови за поставување ЗПИС преку формирање на Одделение за следење на пазарите на земјоделско-прехрамбените производи во МЗШВ, избор на групите на производи, репрезентативни пазари и репортерите кои ги прибираат и доставуваат пазарните податоци. Од септември 2008 година МЗШВ започна со пилот прибирање на цените од дефинираните пазари преку кои се одвива најголемиот обем од прометот со соодветните производи и пошироко влијаат на формирањето на цените (и тоа: пазари на мало и големо за овошје и зеленчук, преработувачи и откупувачи на овошје и зеленчук, млинови, и трговци на основни репроматеријали). Како почетни групи на производи за кои се прибираат цени беа избрани овошје и зеленчук, живи животни и месо, житарици и основни репроматеријали во земјоделското производство. Податоците се прибираат од страна на дел од вработените во десет подрачни единици на МЗШВ и директно од правните лица вклучени во системот. Од почетокот на септември е започнато со пилот прибирање на податоците од поголем број на селектираните пазари за одредените почетни групи на производи (30 градинарски производи, 29 овошни производи, 6 вида на добиток, 4 житни производи, и млеко и млечни производи. Прибирањето на податоците од споменатите пазари се одвива тековно со намера на етапно проширување на обемот и опфат по производи и пазари, и подобрување на системот со навремено и редовно доставување на пазарни информации. Континуирано системот се проширува со пазарни информации од пазари за добиточна храна, репроматеријали, пазари со грозје и вино.

Правната основа на ЗПИС регулирана во Правилникот за ЗПИС кој ги одредува производите, репрезентативните пазари, динамиката на доставување на податоци како и методологијата на пресметка на цените е подготвен од страна на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и објавен во Службен Весник на Р.М бр.59/2011.

Паралелно одделението за ЗПИС ги докомплетира потребните документи за поддршка на функционирање на системот како што се: прирачници за интерни процедури за работа (прибирање, архивирање и обработка на пазарните податоци) и прирачници за методологија за ЗПИС по групи производи. Почнувајќи од јануари 2009 година за заинтересираните корисници преку веб-страната на МЗШВ се достапни првите неделни и месечни извештаи од ЗПИС кои редовно се објавуваат.

Почнувајќи од 01Јануари 2012 година, пазарните информации постојано ќе бидат достапни на веб страницата за ЗПИС на следната адреса, www.zpis.gov.mk.

Како една од предвидените активности за модернизација и развој на системот беше изготвување и инсталација на софтвер за директно внесување на пазарни податоци од страна на репортерите од избраните репрезентативни пазари, а во исто време и пристап на корисниците до истите пазарни информации од системот на ЗПИС од доставувачите од репрезентативните пазари. Според концептот и Акциониот план софтверот е изготвен и во моментот е во тест фаза, во исто време се обучуваат и представниците од репортерите внесувачи на податоци во софтверот. По завршување на оваа фаза и проверка на функционалноста на софтверот е вклучена безбедноста и заштитата на податоците во системот на ЗПИС. По реализираните комплетни проверки за безбедност и функционалност се очекува истиот да се промовира и биде функционален од Јануари 2012 година. Досега покрај средствата обезбедени од буџетот на Република Македонија и АСАП проектот финасиран од Светска Банка, дел од активностите се поддржани и преку краткорочен проект финансиран и имплементиран од страна на Министерството за земјоделство на САД, како и од проектот за поддршка и реализација на мерките од областа на Заедничката земјоделска политика, посебно во делот на Заедничката пазарна организација финансиран од Европската Комисија.

Се очекува пазарните информации кои се постојано достапни преку системот на (ЗПИС) Земјоделско пазарен информативениот систем да ги задоволат целосно очекувањата и потребите на земјоделците, нивните организации, агробизнисот и администрацијата за точни и редовни пазарни информации.

Системот е дизајниран и припремен со база на пазарни информации кои одговараат на потребите за уредување на пазарите на земјоделско-прехрамбените производи согласно (ЦМО) на ниво на усогласеност со одредбите од регулативите на ЕУ.

Земјоделскиот пазарен информативен систем целосно е усогласен за потребите на реализацијата на мерките за регулирање на пазарите и трговската политика на Заедничката земјоделска политика. Согласно ЗЗП потребно е редовно доставување на пазарните информации до ЕК - Управата за земјоделство (ДГ - Агри) за полноправното зачленување на Република Македонија во ЕУ.

Земјоделски Пазарен Информативен Систем | Сите права се задржани | Copyright © 2017 UNET